По посвежото утро, денеска низ Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени сончеви периоди, а во попладневните часови на одделни места се очекуваат слаби локални врнежи од дожд.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од 1 до 8 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне меѓу 16 и 24 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од 6 степени во утринските часови до околу 23 степени во текот на денот.
Слични временски услови се очекуваат и утре. Во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на поединечни места тие ќе бидат пообилни и поројни, проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а максималната температура ќе достигне до 23 степени.
Метеоролозите најавуваат дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, променливото време со повремени врнежи од дожд ќе продолжи и во наредните денови, сè до почетокот на следната работна седмица.
