Уште двајца навивачи на Хајдук доброволно им се предале на хрватските власти во рамки на истрагата за нацистичките и антисемитските скандирања пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс.
Според хрватскиот портал „Индекс“, Марко Стипетиќ се предал нешто пред 17 часот, а заедно со него во затворот се пријавил и Денис Шипиќ, кој исто така бил баран од полицијата.
Двајцата се осомничени дека учествувале во навивачката поворка одржана на 15 октомври во Сплит, пред натпреварот од Конференциската лига, за време на која биле извикувани пароли со кои се величел нацизмот и се поттикнувала омраза кон Евреите.
Според истрагата, меѓу скандирањата биле и „Аушвиц“ и „Стани, Адолфе“, а биле пеени и навредливи песни поврзани со Ана Франк, еврејското девојче кое загинало во нацистички концентрационен логор.
Ова не е прв случај осомничени сами да се пријават кај властите. Во неделата тоа го направиле и Стипе Лекиќ, еден од поистакнатите припадници на навивачката група Торцида, како и Леонардо Вучак.
На сите четворица истражен судија на Жупанискиот суд во Сплит им одредил едномесечен истражен притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.
Хрватската полиција досега поднесе кривични пријави против вкупно 23 лица, осомничени за јавно поттикнување насилство и омраза. По спорната поворка беше започната обемна идентификација на учесниците, а за лицата кои не беа пронајдени беа објавени фотографии и распишана потрага.
Случајот повторно ја отвори дебатата за екстремизмот на навивачките трибини во Хрватска и употребата на нацистички и антисемитски пораки на спортски настани.
