Две одделни сообраќајни несреќи со тешко повредени лица се случиле вчера во Скопје. Во едната несреќа тешко бил повреден возач на мопед, а во другата шестгодишно дете кое било сопатник на електричен тротинет управуван од 11-годишник.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата сообраќајка се случила околу 7:30 часот на крстосницата меѓу улиците „Благоја Стефковски“ и „Методија Андонов Ченто“. Во судирот учествувале патничко возило „фолксваген голф“, управувано од 51-годишен жител на Скопје, и мопед со штипски регистарски ознаки, кој го управувал 49-годишен жител на радовишкото село Јаргулица.
Во несреќата тешки телесни повреди добил возачот на мопедот, а лекарска помош му била укажана во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што биле констатирани повредите.
Втората несреќа била пријавена во 18:05 часот на крстосницата на улиците „Лек Дукаѓини“ и „Клинска Леса“. Во неа учествувале патничко возило „фолксваген“, управувано од 22-годишен скопјанец, и електричен тротинет што го управувал 11-годишник од Скопје.
При судирот тешко било повредено шестгодишно дете кое се возело како сопатник на тротинетот. Детето било пренесено во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди.
За двете сообраќајни несреќи увид извршиле увидни екипи на СВР Скопје, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случиле.
