Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители побараа од Уставниот суд итно да ги стави на дневен ред и да ги разгледа иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои повторно беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Како што наведуваат од јавнообвинителската фела, станува збор за одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, со кои по третпат се намалени коефициентите за пресметување на платите.
Од Советот, Обвинителството и Здружението изразуваат сериозна загриженост поради тоа што Уставниот суд сè уште не постапил по поднесените иницијативи. Според нив, ваквото однесување не само што ја доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку создава и значителен диспаритет меѓу судската и јавнообвинителската функција.
Во соопштението се посочува дека ваквите решенија се спротивни на европските и меѓународните стандарди кои ја гарантираат независноста и самостојноста на обвинителството.
Јавнообвинителската фела предупредува дека оспорувањето на принципите на независност во работата на обвинителите може да создаде сериозни последици, вклучително и одлив на стручен кадар и нарушување на нормалното функционирање на јавнообвинителската функција.
