Членовите на задолжителните пензиски фондови кои имаат стаж со кој се стекнува право на намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година, од 20 октомври 2026 година имаат можност да изберат дали ќе го продолжат своето членство во задолжителен пензиски фонд.
Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) информираат дека изборот треба да се направи со доставување писмена изјава за продолжување на членството, најдоцна до 20 јануари 2027 година.
Доколку членовите не достават изјава во предвидениот рок, нивното членство во задолжителниот пензиски фонд ќе престане. Во тој случај, пензиското друштво ќе ги пренесе средствата од нивните индивидуални сметки во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ).
Лицата кои нема да изберат продолжување на членството ќе останат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување, засновано на генерациска солидарност, односно преку Фондот на ПИОСМ, од каде што ќе го остваруваат правото на пензија.
Од МАПАС дополнително појаснуваат дека лицата кои во претходните години веќе доставиле изјава за продолжување на членството немаат потреба повторно да го прават тоа, бидејќи нивното членство веќе е продолжено.
