Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денеска ќе одржат седници во Собранието, на кои единствена точка на дневен ред ќе биде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.
Предлог-законот ќе се разгледува во прво читање, а со него се предлагаат измени со кои треба да се допрецизираат условите, начинот и постапката за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост.
Со новите одредби се уредуваат прашањата поврзани со корисниците на градежното земјиште кои имаат право да го приватизираат, како и постапките за приватизација на земјиште на кое се изградени објекти во етажна сопственост.
Предложените измени опфаќаат и случаи кога на едно градежно земјиште постојат два или повеќе објекти во сопственост на различни лица.
Една од новините е можноста етажните сопственици да го приватизираат земјиштето под зградата според податоците од јавната книга за запишување на правата на недвижностите, без да имаат обврска да доставуваат геодетски елаборат за нумерички податоци за формирање градежна парцела.
Со законското решение дополнително се прецизираат и правилата за проширување на барањата и утврдување на површината на градежното земјиште што опфаќа повеќе катастарски парцели.
Предлог-законот повторно предвидува можност за поднесување пријави до Агенцијата за катастар на недвижности за промена на правото на користење на неизградено градежно земјиште во право на сопственост, во рок од една година од стапувањето во сила на законот.
Дополнително, се продолжува обврската на Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност да ги избрише сите запишани права на користење на градежно земјиште во рок од две години од влегувањето во сила на законските измени.
Со предложените измени се врши и усогласување на називот на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, како и усогласување со уставното име на државата.
