Времето денеска ќе биде претежно сончево со мала локална облачност и пријатни дневни температури, соопштува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а утринските температури ќе се движат од 0 до 10 степени. Во текот на денот максималната температура ќе достигне меѓу 20 и 26 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува сончево време со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе изнесува околу 6 степени, додека максималната ќе достигне до 25 степени.
Сепак, стабилното време ќе се задржи само денеска. Од утре попладне се очекува постепено зголемување на облачноста, проследено со врнежи од дожд.
Според прогнозата на УХМР, во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи, а во четврток се очекуваат пообилни и поројни дождови, локално проследени со грмежи.
До четврток во котлините ќе има услови за појава на утринска магла и ниска облачност, додека во петок се очекува да дува засилен северозападен ветер, што ќе донесе посвежо време.
