Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија денеска во Скопје го одржа првиот собир во пресрет на Европското првенство 2026 година.
Најдобрите македонски ракометарки се собраа во хотелот „Three Corner“, со што официјално започна подготвителниот период за претстојните репрезентативни предизвици и настапот на континенталниот шампионат.
Како главна проверка пред Европското првенство ќе послужи силниот меѓународен турнир во Турција, кој ќе се одржи од 27 до 29 ноември.
Македонија турнирот ќе го започне на 27 ноември со натпревар против Финска, кој е закажан за 18:45 часот. Ден подоцна, на 28 ноември од 16:30 часот, избраничките на Македонија ќе играат против Италија, додека последниот меч на турнирот ќе го одиграат на 29 ноември против домаќинот Турција од 18:45 часот.
Контролните натпревари во Турција ќе бидат важна проверка за формата на репрезентативките и можност за дополнително воигрување пред големиот европски предизвик.
По завршувањето на турнирот, македонската репрезентација ќе отпатува директно за Клуж-Напока во Романија, каде ќе настапи на Европското првенство 2026.
Во групната фаза Македонија ќе се соочи со Швајцарија, Романија и Норвешка. Првиот натпревар е на 4 декември против Швајцарија, потоа следува дуелот со домаќинот Романија на 6 декември, а групната фаза ќе биде затворена со средбата против Норвешка на 8 декември.
