Општина Центар започна со редовната есенска дератизација на целата територија на локалната самоуправа, со која се опфатени околу 2.000 шахти.
Акцијата има за цел сузбивање на штетните глодари и превенција од можни заразни заболувања, како дел од континуираните мерки за заштита на јавното здравје и подобрување на хигиенските услови во општината.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека станува збор за редовна активност која се реализира на целата територија на општината, а претходно била спроведена и вонредна дератизација.
„Ова е редовна дератизација што ја спроведуваме на целото подрачје на општината. Пред неколку недели реализиравме и вонредна дератизација за сузбивање на глодарите и спречување на потенцијални извори на зарази“, истакна Герасимовски.
Од Општина Центар информираат дека препаратот кој се користи во акцијата е сертифициран и одобрен од Министерството за здравство. Тој е наменет за контрола на штетниците, при што е безбеден за останатите животински видови.
Системската дератизација е дел од редовните превентивни активности на општината за одржување на хигиената и заштита на здравјето на граѓаните.
