Хрватската полиција и обвинителството продолжуваат со постапката против навивачи на Хајдук поради инцидентите што се случија пред натпреварот против Ајакс во Сплит, а досега вкупно 23 лица се обвинети за јавно поттикнување насилство и омраза.
Шест навивачи веќе се наоѓаат во притвор, додека полицијата сè уште трага по уште 15 лица за кои постојат сомневања дека учествувале во инцидентите.
Пред два дена биле приведени уште четири лица, кои исто така се товарат за поттикнување насилство и омраза.
Случајот се однесува на настаните пред натпреварот меѓу Хајдук и холандскиот Ајакс, кој се одигра на 15 октомври во Сплит во рамките на Конференциската лига. Домашниот тим славеше со 2:1, но вниманието по натпреварот повеќе беше насочено кон случувањата надвор од теренот.
Еден ден по мечот, највисоките хрватски функционери ги осудија антисемитските пораки и величањето на нацистички симболи и идеологија за време на навивачките активности пред натпреварот.
Реакции упатија претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот Андреј Пленковиќ и народната правобранителка Тена Симоновиќ Ајнвалтер, кои порачаа дека ваквите појави се неприфатливи и мора да бидат санкционирани.
