Кремљ соопшти дека ги цени напорите на Соединетите Американски Држави за посредување во ставањето крај на војната во Украина, но оцени дека конечен мировен договор не може да биде постигнат без учество на претставник од Киев кој е подготвен да преземе одговорност.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека американската страна продолжува со посредничките и мировните активности, кои Москва ги оценува позитивно.
„Американската страна продолжува со своите посреднички и мировни напори и ние високо ги цениме. Но, конечен договор е невозможен без учество на некој од Киев кој е подготвен да преземе одговорност“, изјави Песков, пренесува Интерфакс.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврдејќи дека украинските напади врз руските нафтени рафинерии предизвикуваат сериозни последици врз глобалниот пазар на дизел, вклучително и во САД.
Трамп оцени дека Зеленски „воопшто не сака“ војната да заврши.
Од украинска страна, Зеленски возврати со обвинувања дека американскиот претседател се обидува да изврши притисок врз Украина да ѝ се предаде на Русија.
Тој истакна дека Вашингтон во последниот период презел повеќе, како што ги нарече, „непријателски дејствија“ кон Киев, меѓу кои намерно забавување на интернет-пристапот преку системот „Старлинк“, како и доцнење во испораката на ракети за противвоздушниот систем „Патриот“.
Зеленски, исто така, посочи дека Трамп одржува многу добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, што дополнително ги продлабочува несогласувањата меѓу Киев и Вашингтон.
