Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва соопшти дека кандидатот на неговата партија, Стојанче Радичевски, остварил убедлива победа во првиот круг од предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница.
Според Мицкоски, Радичевски освоил околу 3.000 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ е најсилната политичка опција во општината.
„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва и има огромна победа во првиот круг на изборите за градоначалник во општина Брвеница. Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДСМ е поголема од четири спрема еден“, изјави Мицкоски.
Тој направи паралела и со повторените избори во Маврово и Ростуше, каде што, како што рече, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ победил со разлика поголема од два спрема еден.
Инаку, според првичните резултати на Државната изборна комисија, во Брвеница ќе се одржи втор круг, во кој ќе се соочат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.
