Вакцинацијата против сезонски грип се очекува да започне в среда, 21 октомври, најави министерот за здравство Сашо Клековски, кој посочи дека и самиот ќе се вакцинира како пациент што припаѓа во ризична група.
Клековски информираше дека Комисијата за имунизација одржала состанок на кој биле утврдени приоритетите за вакцинацијата. Според него, со динамика од околу 1.000 вакцинации дневно, првата количина вакцини би требало да биде искористена до 15 ноември, кога се очекува пристигнување на нови дози.
„Приоритет прво имаат возрасните над 65 години згрижени во институции, поради институционалниот карактер и поголемиот ризик од појава на епидемија во такви услови. Другите ризични групи ќе бидат опфатени според проценката на Комисијата“, изјави Клековски.
Министерот додаде дека начинот на организација на вакцинацијата ќе остане ист како и во претходните години, без промени во методологијата и постапките за пријавување и спроведување на имунизацијата.
Изјавата ја даде по потпишувањето на протоколот за децентрализација на терапијата за мултиплекс склероза.
