Македонија нема да се откаже од барањето за враќање на Ива Михаилова и нејзиниот татко од Бугарија, дециден е премиерот Христијан Мицкоски и нагласи дека македонските институции ќе ги искористат меѓународните механизми што им стојат на располагање.
-Имаме потерница и очекуваме родителот на Ива, кој е осуден, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува невиноста пред судовите во Македонија. Ние имаме како да се бориме на меѓународна сцена. Овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета врз Владата во Софија. Тоа е нивен проблем, а наш проблем е да ги вратиме бегалецот и бегалката, кога-тогаш – рече премиерот.
Истрагата за бегството на Ива Михаилова е во тек, и дел од доказите, рече Мицкоски прво ќе ги презентираат кај партнерите во НАТО за да се покаже како се однесуваат партнерски земји во Алијансата и најави дека евроинтегративните процеси ќе продолжат како и дијалогот со Бугарија и барањето на решение.
