Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго продолжува да се шири, откако вирусот е регистриран и во Северен Убанги, нова провинција која се наоѓа во близина на границата со Централноафриканската Република.
Со ова, Северен Убанги станува осмата провинција во земјата погодена од сојот Бундибугио, кој беше прогласен во средината на мај. Според податоците објавени од „Ројтерс“, станува збор за втората најголема епидемија на ебола во историјата, со повеќе од 9.000 потврдени случаи и над 4.000 починати лица.
Здравствени претставници потврдиле дека во Северен Убанги се откриени два случаи на инфекција, иако конгоанските власти сè уште немаат објавено официјално соопштение за новото жариште.
Според локални здравствени службеници, во рударската област на здравствената зона Вапинда, во близина на границата со Бас-Уеле, неодамна биле забележани низа сомнителни смртни случаи. Поради тоа, биле земени примероци кои биле испратени на лабораториски анализи во покраината и во главниот град Киншаса.
Главното жариште на епидемијата останува провинцијата Итури, но бројот на заразени се зголемува и во Северен Киву. Случаи на ебола се регистрирани и во Јужен Киву, Тшопо, Хаут-Уеле, Бас-Уеле и Јужен Убанги.
Загриженоста дополнително расте поради ширењето на вирусот надвор од границите на Демократска Република Конго. Епидемијата претходно ја зафати Уганда, која во август прогласи крај на епидемијата, а случаи се пријавени и во Кенија.
Кениските здравствени власти неодамна потврдија втор случај на зараза, кај близок член на семејството на првиот заразен пациент.
Здравствените институции продолжуваат со следење на контактите на заразените и спроведување мерки за спречување на понатамошно ширење на вирусот.
