Македонија и целиот Балкан денеска се сеќаваат на Тоше Проески, кој на 16 октомври 2007 година трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. И по 19 години, неговите песни, хуманост и дело продолжуваат да живеат во срцата на милиони луѓе.
Во чест на Тоше и оваа година се одржува традиционалниот маратон од Нова Градишка до Крушево. На 19. издание на маратонот учествуваат 14 маратонци, кои го започнаа патувањето пред неговото спомен-обележје во Нова Градишка.
Низ Хрватска тие ќе истрчаат околу 200 километри, а поради законските прописи низ Србија ќе патуваат со возила. Од македонската граница до Крушево повторно ќе трчаат околу 220 километри, со крајна цел да пристигнат на Гумење, каде се наоѓа вечното почивалиште на Тоше Проески.
Тоше Проески остави неизбришлива трага на македонската и регионалната музичка сцена. Роден е на 25 јануари 1981 година во Крушево, а својот музички талент го покажа уште како дете. Професионалната кариера ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, по што следуваа бројни хитови, распродадени концерти и настапи низ целиот Балкан.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на изборот за песна на Евровизија во Истанбул, а истата година беше именуван и за амбасадор на УНИЦЕФ, посветувајќи голем дел од својата популарност на хуманитарни активности.
Во текот на својата кариера објави седум студиски албуми, а последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагичната несреќа. Неговиот последен концерт се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје и остана запаметен како еден од најемотивните и најголемите хуманитарни музички настани во Македонија.
По неговата смрт беше објавен и англискиот албум „The Hardest Thing“, со кој Тоше требаше да ја продолжи својата меѓународна кариера.
И речиси две децении подоцна, Тоше Проески останува симбол на врвна музика, хуманост и искреност, а неговото наследство продолжува да ги обединува генерациите.
