Албанската полиција соопшти дека само мал дел од приведените за време на протестите во Тирана се студенти, отфрлајќи ги тврдењата дека најголемиот дел од насилствата ги предизвикуваат учесници од академската заедница.
Генералниот директор на албанската полиција, Скендер Хита, на денешната прес-конференција изјави дека во првата ноќ од протестите ниту едно од уапсените лица не било студент, додека во втората ноќ само мал број од приведените се покажале како студенти.
Тој оцени дека маскираните лица кои учествувале во насилствата, нападите врз полицијата и уништувањето на јавен и приватен имот не биле студенти, туку лица ангажирани од организаторите на протестите.
Според Хита, во изминатите 72 часа Тирана се соочила со бран насилства, палежи и уништување на имот, при што биле повредени вкупно 71 полициски службеник, од кои неколкумина се здобиле со потешки повреди.
Тој нагласи дека полицијата го гарантира правото на мирен протест, но дека тоа не смее да биде оправдување за насилство и вандализам.
Хита ги отфрли и обвинувањата за политичка пристрасност на полицијата, потенцирајќи дека институцијата постапува исклучиво согласно законите и во интерес на безбедноста на граѓаните.
Воедно, тој ги повика родителите и наставниците да не дозволуваат младите и малолетниците да бидат злоупотребени и вовлечени во насилни дејствија.
Полицискиот директор ја бранеше употребата на солзавец и водени топови, оценувајќи дека интервенцијата била пропорционална и неопходна поради нападите со камења врз полициските службеници.
Протестите во Албанија започнаа на 13 октомври во Тирана, а потоа се проширија и во други градови. Организаторите бараат подобри услови за студирање, пониски трошоци за високото образование, поголема финансиска поддршка и подобри можности за вработување по дипломирањето. Дел од демонстрантите побараа и оставка од премиерот Еди Рама и формирање привремена влада.
Во текот на изминатите денови беа регистрирани палежи и оштетувања на институции, музеи, театри, банки и приватни објекти. Полицијата неколкупати интервенираше со солзавец и водени топови, а беа приведени десетици лица. Според албанското Министерство за здравство, лекарска помош побарале вкупно 89 лица, меѓу кои 61 полицаец и 18 демонстранти.
