Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на Форумот на идни глобални лидери во Дубаи, организиран од Светскиот економски форум, каде говореше на сесијата „Trade in a Changing World“.
Во своето обраќање, Муцунски се осврна на промените што го зафаќаат глобалниот трговски систем, сè поголемата геоекономска конкуренција и потребата меѓународните институции да се прилагодат на новите услови во 21 век.
Според него, предизвиците со кои се соочува светската трговија бараат преиспитување на постојниот модел и заеднички напори за негово модернизирање.
„Кога постојат оние што го доведуваат во прашање сегашниот модел, мора да погледнеме и кон самите себе и да се запрашаме што можеме да направиме за да го модернизираме системот во наша заедничка корист“, истакна Муцунски.
Тој посочи дека иднината на глобалната трговија не треба да се гледа како спротивставување меѓу отвореноста и безбедноста, туку како потреба за создавање поотпорен систем.
„Мора да ја направиме отвореноста побезбедна. Отпорноста во никој случај не значи изолација“, порача министерот.
Муцунски нагласи дека во идниот период најуспешни ќе бидат државите кои ќе вложуваат во поврзаност, партнерства и отпорност, наместо во создавање бариери.
„Државите што ќе успеат во следните пет, десет, петнаесет или дваесет години нема да бидат оние што ќе изградат најголеми ѕидови, туку оние што ќе изградат најотпорни мостови“, рече тој.
Говорејќи за улогата на малите економии во глобалната конкуренција, министерот оцени дека нивната предност не е во големината, туку во способноста да бидат стабилни и предвидливи партнери.
„Големите економии се натпреваруваат преку обем. Малите економии се натпреваруваат преку доверливост“, истакна Муцунски.
Тој се осврна и на економскиот суверенитет, кој според него е тесно поврзан со инфраструктурната и енергетската поврзаност.
Како клучни приоритети ги посочи инвестициите во Коридорите VIII и X, развојот на патната и железничката инфраструктура, како и енергетската диверзификација.
Според Муцунски, обезбедувањето енергетска независност е важен предуслов за економски развој и привлекување инвестиции во индустриите на иднината.
