Триесет и четиригодишен државјанин на Црна Гора е приведен на граничниот премин Табановце откако било утврдено дека со автомобил управувал со речиси двојно поголема брзина од дозволената.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, случајот бил откриен на 14 октомври во 14:25 часот, при излез од државата. Полициските службеници извршиле проверка на возило „бмв“ со црногорски регистарски ознаки, управувано од М.Н. (34), при што преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека е евидентиран како сторител на кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Според податоците од системот, претходно на автопатот Скопје – Граничен премин Табановце, кај клучката Дељадровци, возачот се движел со брзина од 185 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина е 100 километри на час.
Мажот бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица. По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, соопшти МВР.
