Две лица го загубија животот во поплавите што го погодија Истанбул по обилните врнежи во средата. Меѓу жртвите е и 14-годишно момче кое починало од струен удар, како и 34-годишен човек кој настрадал откако паднал во надојдената вода и не успеал да се извлече.
Првата несреќа се случила во населбата Балат, во општината Фатих. Четиринаесетгодишниот М. И. нагазил во насобрана вода во близина на паркот Чукурбостан, по што добил струен удар. И покрај итната интервенција и транспортот во болница, лекарите не успеале да го спасат неговиот живот. За случајот е отворена истрага.
Втората жртва е 34-годишниот С. Ј., кој загинал во населбата Ајазага, во општината Саријер. Според турските медиуми, тој се обидувал да помине низ поплавена улица кога се лизнал, паднал и се здобил со тешки повреди.
Лицето останало во надојдената вода и не можело само да се извлече. Граѓани успеале да го извадат, по што била повикана итна медицинска помош. Тој бил пренесен во болница, но починал и покрај напорите на лекарите.
Невремето предизвика сериозни проблеми во Истанбул. Поплавени се голем број домови и деловни објекти, а водата носела автомобили и предизвикала големи застои во сообраќајот.
Според податоците на градските власти, биле регистрирани повеќе од 1.200 пријави за поплавени објекти, а десетици граѓани морале да бидат спасувани од загрозени подрачја. Во справувањето со последиците биле вклучени илјадници припадници на службите за итни интервенции.
Поради опасноста од нови обилни врнежи и можни поплави, властите одлучија денеска да ја прекинат наставата во сите јавни и приватни училишта во Истанбул. Граѓаните се повикани да избегнуваат непотребно движење, особено во близина на подвозници, водотеци и веќе поплавени улици.
