Вардар не успеа да ѝ се реваншира на Висла Плоцк и го претрпе четвртиот пораз во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион на гостувањето во Полска загуби минимално со 33-32, иако одигра далеку подобар натпревар во споредба со првиот меѓусебен дуел во Скопје.
„Црвено-црните“ повторно имаа свои периоди на пад во играта, а токму тие осцилации се покажаа како пресудни во најсилното европско клупско натпреварување. Со овој неуспех Вардар ги загуби шансите за пласман во главната рунда.
Почетокот на натпреварот беше израмнет, а до 11. минута двата тима беа на 5-5. Сепак, потоа следеше лош период за составот на Иван Чупиќ, кој со неколку грешки му дозволи на домаќинот да направи серија и да поведе со 10-5.
Висла продолжи да ја зголемува предноста и во еден момент имаше убедливи плус осум (14-6), но Вардар успеа да се врати во мечот. Со серија од 5-1, гостите ја намалија разликата на 15-11, а на пауза заминаа со поднослива негатива од 16-13.
Во второто полувреме Вардар имаше можност дополнително да се доближи, но не го искористи нападот за намалување на само еден гол. Висла веднаш возврати и повторно воспостави контрола врз резултатот.
Полскиот тим во продолжението стигна до 25-20, а и покрај директниот црвен картон за Абделхак, Вардар не се предаде. Македонскиот шампион повторно се доближи на два гола (27-25), но Висла со навремени реакции успеа да ја задржи предноста.
Во драматичната завршница Вардар имаше последна надеж. Воркапиќ погоди од седмерец за 33-32 на 20 секунди до крајот, но домаќинот со искусна игра го потроши времето и не дозволи израмнување.
Најефикасен кај Вардар беше Малус со девет гола, додека Воркапиќ постигна осум. Кај Висла најдобар стрелец беше Бјере со седум погодоци.
