Околу два тони небезбедна храна од различен вид се запленети при вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Контролата била спроведена во координација со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат, при што инспекторите утврдиле низа неправилности во продажбата на храната.
Според АХВ, производите се продавале надвор од местата предвидени за таа намена во рамки на пазарот, во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува ризик за нивната безбедност и за здравјето на потрошувачите.
Небезбедната храна веднаш била повлечена и отстранета од промет.
Од Агенцијата најавуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат со засилен интензитет, како самостојно, така и во соработка со останатите надлежни институции, со цел да се спречи продажба на небезбедни производи и да се заштити здравјето на граѓаните.
