Тензиите во албанската престолнина дополнително се зголемија откако протестот во близина на Министерството за образование прерасна во судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Според албанските медиуми, полицијата употребила водени топови во обид да ги растера насобраните, но студентите и останатите демонстранти повторно се собрале на улицата „Драч“, каде продолжиле со протестот против владата.
Главното барање на демонстрантите е оставка од премиерот Еди Рама, а за време на инцидентите полицијата започнала и со приведување на учесници во протестите. Засега нема официјални информации колку лица се приведени.
На полициската интервенција реагираше лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кој оцени дека е применета прекумерна сила врз студентите.
Во објава на социјалните мрежи, Бериша побара итен прекин на полициското постапување, оценувајќи дека употребата на сила против демонстрантите е неприфатлива.
Ситуацијата во Тирана и понатаму останува напната, а протестите продолжуваат под засилено полициско обезбедување.
