Три лица заработија кривични пријави по инцидентот што се случи минатата недела во Скопје, кога осомничени се обиделе да избегаат од полициска контрола, при што на еден полициски службеник му бил одземен службениот пиштол.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот се случил на 7 октомври околу 20:25 часот на улицата „Црногорска“, каде полициски службеници поставиле заседа по претходни оперативни сознанија дека ќе биде извршена купопродажба на марихуана.
Откако било запрено патничко возило „БМВ“, полициските службеници се упатиле кон него за легитимирање и преглед. Во тој момент, според МВР, возачот го стартувал возилото, удрил во бандера, а низ прозорецот била фрлена кеса со марихуана.
При обидот за интервенција, едно од лицата му го одзело службениот пиштол на полициски службеник, по што возилото со голема брзина избегало од местото.
Следувала полициска потера по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје–Тетово. Осомничените не застанале и покрај звучните и светлосните сигнали, а еден полициски службеник испукал три предупредувачки истрели во воздух.
Потерата завршила кога „БМВ“-то удрило во заштитна банкина и се извртело. На местото биле приведени возачот П.А. (24) и совозачот Е.П. (21), а службениот пиштол бил пронајден и одземен. При пребарување на теренот била пронајдена и кесата со марихуана.
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против П.А. и Е.П. е поднесена кривична пријава за кривичните дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Кривична пријава е поднесена и против М.Т., за кого, според МВР, постојат сознанија дека е поврзан со случајот, поради сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Од Министерството додаваат дека за случајот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој ќе ги испитува евентуалните неправилности во постапувањето на полициските службеници.
