Дваесетгодишниот Е.А. од Голема Речица заработи кривична пријава по заедничка истрага спроведена од Министерството за внатрешни работи и американското Федерално истражно биро (ФБИ). Тој се сомничи дека администрирал онлајн-платформа преку која се продавале украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки наменети за компјутерски криминал.
Како што соопшти МВР, до Основното јавно обвинителство во Тетово е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторени кривични дела компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Истрагата била покрената по информации добиени од ФБИ, а според обезбедените докази, осомничениот во периодот од 2023 до 2025 година администрирал домени и веб-страници поврзани со нелегалниот онлајн-пазар OLVX.
На платформата, според полицијата, се продавале украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги за извршување компјутерски криминал, при што биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи.
Во истрагата е утврдено и дека во периодот од 2025 до 2026 година Е.А. администрирал Телеграм-група наречена ONEMILI, преку која, според сомнежите, се нуделе алатки и услуги за сајбер-криминал, меѓу кои и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
МВР информира дека се обезбедени и докази за набавување и поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца преку платформата Телеграм.
Од Министерството посочуваат дека ова е првата заедничка координирана сајбер-операција реализирана од МВР и ФБИ, при што ја истакнуваат важноста на меѓународната соработка во откривањето и сузбивањето на компјутерскиот криминал.
