Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека не презело активности за утврдување каде се наоѓа Ива Михаилова на територијата на Бугарија, откако Македонија побара нејзино апсење и екстрадиција.
Од бугарското МВР информираат дека на 13 октомври во 19:38 часот добиле барање од Интерпол – Скопје за меѓународна потрага со апсење и екстрадиција на Михаилова, која има двојно државјанство – бугарско и македонско.
Во барањето било наведено дека таа се гони за кривично дело поврзано со прекршување на сообраќајните правила, предвидено во член 300 од Кривичниот законик на Македонија.
Бугарските власти посочуваат дека Основниот суд во Кочани на истиот ден издал потерница за Михаилова, но додаваат дека во моментов не постои издадена црвена потерница од Интерпол.
Од бугарското Министерство наведуваат дека не биле преземени мерки за проверка на нејзината локација во Бугарија, а како причина ги посочуваат уставните и меѓународните правила кои се однесуваат на екстрадиција на бугарски државјани.
Според нивното толкување на законските одредби, бугарски државјанин може да биде екстрадиран во друга држава за кривично гонење само под услови утврдени со меѓународни договори.
Министерството за внатрешни работи на Македонија претходно распиша централна и меѓународна потерница по Михаилова, откако Основниот суд во Кочани ѝ одреди 30-дневен притвор.
