Киев повторно беше цел на руски балистички ракетен напад, при што загинаа најмалку две лица, а повеќе од 20 се повредени. Украинските власти соопштија дека меѓу погодените објекти има станбена зграда и термоцентрала, додека претседателот Володимир Зеленски повторно изрази незадоволство што, како што тврди, Украина не добила навремено предупредување од сојузниците.
Според информациите од украинските власти, експлозиите се слушнале веднаш по активирањето на воздушната тревога во главниот град. Деветкатна станбена зграда се запалила по директен удар, а градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека има загинати и десетици повредени.
Зеленски изјави дека, како и при претходниот напад, ракетите биле регистрирани дури кога веќе биле на пат кон Киев, оценувајќи дека тоа дополнително ја отежнува одбраната на Украина.
„Не е праведно кога Русија ги напаѓа енергетските објекти, а Украина не добива ниту предупредување за лансирањето на балистичките ракети“, порача украинскиот претседател.
Од друга страна, американската администрација ги отфрли обвинувањата дека престанала да споделува разузнавачки информации со Киев, нагласувајќи дека соработката со Украина продолжува.
Во меѓувреме, Украина се соочува и со сериозен недостиг од муниција за противвоздушна одбрана. По повеќе од четири години војна, украинските сили имаат ограничени резерви на ракети за системите „Патриот“, кои се сметаат за најефикасна заштита од балистички проектили.
Недостигот на муниција, според украинските власти, дополнително ја усложнува одбраната од засилените руски напади врз Киев и другите украински градови.
