Еурофарм Пелистер продолжува со лошиот старт во Европската лига. Битолчани не успеаја да го потврдат ремито од гостувањето кај Гдањск и вечерва претрпеа убедлив пораз на теренот на германскиот бундеслигаш Гумерсбах со 38-28.
Со новиот неуспех, „зелено-белите“ остануваат на последното место во групата Г и значително ги намалија шансите за пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Тренерот Лино Червар се обиде со промени во тактиката и системот на игра, а тоа донекаде даде резултат во почетните минути. Пелистер одигра концентрирано, со трпеливи напади и во петтата минута имаше предност од 2-3.
Одличен период имаше голманот Никола Митревски, кој одбрани неколку важни удари, меѓу кои и седмерец, но по израмнетата игра до 6-6, домаќинот започна да ја презема контролата.
Гумерсбах предводен од Алекс Душебајев почна да ја зголемува предноста, а германскиот тим казнуваше речиси секоја грешка на македонскиот состав. Обидот на Червар со игра „седум на шест“ не донесе посакуван ефект, бидејќи Пелистер загуби неколку топки, што резултираше со лесни голови на празна мрежа.
Германците во еден момент стигнаа и до плус шест (16-10), а до крајот на првото полувреме битолчани успеаја само делумно да ја намалат разликата. На пауза се замина со резултат 20-15.
Во вториот дел сликата на теренот не се промени многу. Еурофарм Пелистер се обидуваше да најде решение во нападот, но Гумерсбах продолжи сурово да ги казнува пропустите на гостите.
Промените во составот и вклучувањето на Татар и Колаковиќ не донесоа пресврт, а германскиот тим постепено ја зголемуваше предноста. Во последните десет минути домаќинот влезе со двоцифрена разлика и рутински го приведе натпреварот до крај.
Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со седум погодоци, додека Видомски и Ристевски постигнаа по четири.
Следниот дуел меѓу овие два тима ќе се одигра за еден месец во Битола, кога македонскиот вицепрвак ќе има можност за реванш пред домашната публика.
