Во засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои ја надминуваат дозволената брзина, полицијата за само шест часа констатирала 641 прекршок на територијата на цела Македонија.
Контролата ја спровел Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи на 11 октомври, во периодот од 14:00 до 20:00 часот, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на ризикот од сообраќајни несреќи предизвикани од неприлагодена брзина.
Од вкупниот број санкционирани возачи, 314 прекршоци биле евидентирани надвор од населени места, додека 327 возачи ја надминале дозволената брзина во населени места.
Во рамки на контролата, полициските службеници откриле и три случаи на кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено според член 297-а од Кривичниот законик.
Дополнително, биле регистрирани уште 86 прекршоци од друг вид, а за сите случаи биле преземени соодветни законски мерки.
Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, особено поради фактот што прекумерната брзина е еден од најчестите фактори кои влијаат врз настанувањето на тешки сообраќајни незгоди.
Засилените сообраќајни контроли, како што информираат од Министерството, ќе продолжат и во следниот период.
