Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски соопшти дека поднел оставка од функцијата, наведувајќи дека причините за ваквата одлука се од лична природа.
Информацијата ја објави преку својот профил на Фејсбук, каде им се заблагодари на премиерот, членовите на Владата, колегите и сите соработници за довербата и поддршката што ја имал во текот на мандатот.
„Денеска ја поднесов мојата оставка од функцијата заменик-министер за здравство, од лични причини. Од срце му благодарам на претседателот на Владата за довербата, поддршката и можноста да бидам дел од Владата и да придонесувам во унапредувањето на здравствениот систем“, напиша Андовски.
Тој упати посебна благодарност и до вицепремиерот Љупчо Димовски за, како што наведе, искрената и професионална соработка, како и до здравствените работници и сите колеги со кои работел во интерес на граѓаните и македонското здравство.
Андовски истакна дека извршувањето на функцијата за него претставувало чест, но и голема одговорност, додавајќи дека неговото повлекување не ја менува почитта што ја има кон институциите и луѓето кои секојдневно се грижат за здравјето на граѓаните.
Во својата порака тој ѝ посака успех на Владата во натамошната работа и изрази надеж дека ќе продолжат реформите насочени кон создавање поквалитетен и поефикасен здравствен систем.
