Денеска низ Македонија ќе преовладува претежно облачно и значително посвежо време, проследено со повремени локални врнежи од дожд, информираат метеоролозите.
Најобилни врнежи се очекуваат во југоисточните делови од земјата, додека поради продорот на постудена воздушна маса од север, на некои од повисоките планини дождот ќе преминува во снег.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој особено ќе биде изразен долж Повардарието.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 13 степени, а дневните ќе достигнат од 10 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно и постудено со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а во одделни делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 11 до максимални 14 степени.
Според прогнозите, променливото и посвежо време ќе продолжи и во наредните денови. Во текот на седмицата ќе има периоди со облачност, а во петок повторно се очекуваат локални врнежи од дожд. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег.
Метеоролозите најавуваат и засилен северен ветер, кој на одделни места ќе достигнува брзина поголема од 60 километри на час.
