Девет мигранти се пронајдени во близина на гевгелиското село Богородица, а полицијата приведе две лица осомничени за криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полициската акција била спроведена на 11 октомври околу 16:50 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го запреле и привеле 39-годишниот Б.К. од Скопје.
При преглед на неговото возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки биле пронајдени седум мигранти – петмина државјани на Авганистан и двајца од Египет.
Околу два часа подоцна, на местото викано „Краварски пат“, полициските службеници пронашле уште двајца мигранти од Египет, кои биле дел од истата група, но не успеале да влезат во возилото.
Во рамки на истрагата, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“ по член 418-б од Кривичниот законик, на 12 октомври по полноќ бил приведен и 17-годишен државјанин на Египет со привремен престој во Грција.
Деветтемина мигранти се сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека двајцата осомничени се задржани во полициска станица.
По целосното документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
