Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара државните институции да ги идентификуваат војниците и офицерите кои учествувале или давале изјави за истражувачкиот документарец „НАЗА“, оценувајќи дека со тоа биле загрозени безбедносните и дипломатските интереси на Израел.
Според британскиот весник „Гардијан“, Нетанјаху испратил писмо до државниот обвинител, началникот на Генералштабот и директорот на безбедносната служба Шин Бет, во кое бара итна истрага и утврдување на идентитетот на сите лица што учествувале во создавањето на филмот или се појавуваат во него.
Тој побара и покренување кривична постапка поради, како што наведува, можно нарушување на безбедноста на информациите, клевета и нанесување штета на дипломатските и безбедносните интереси на државата.
Документарецот „НАЗА“, во режија на добитниците на Оскар Јувал Абрахам и Рејчел Сор, обработува наводи за масовни убиства на цивили во Појасот Газа. Филмот минатиот месец премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што освои специјална награда од жирито и привлече големо внимание. Насловот „НАЗА“ е акроним што, според авторите, го користело израелското разузнавање за проценка на бројот на цивилни жртви при воздушни напади.
По премиерата, режисерите се соочија со остри реакции од израелските власти. Владата ги обвини за предавство, а дел од политичарите и нивните поддржувачи повикаа на кривично гонење и дури на одземање на нивното израелско државјанство. Пред домот на семејството на Рејчел Сор беше организиран и протест.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, го оцени документарецот како „напад врз државата Израел“ и побара да се утврди дали во филмот биле откриени доверливи информации. Главниот воен обвинител, пак, посочи дека евентуално кривично гонење би било можно само доколку се докаже откривање класифицирани податоци или друго прекршување на безбедносните прописи, но не ја исклучи можноста за дисциплински постапки.
На заканите реагираше и Европската федерација на новинари. Нејзиниот генерален секретар Рикардо Гутиерез оцени дека ваквите потези претставуваат обид за заплашување на новинарите и ограничување на слободата на истражувачкото новинарство.
Од „Гардијан“ соопштија дека филмот се темели на долгогодишно истражување, доверливи документи и сведоштва од повеќе од 100 извори, меѓу кои и високи припадници на израелската армија. Редакцијата порача дека новинарите мора да можат слободно да известуваат за прашања од јавен интерес без закани и притисоци.
Во меѓувреме, во Израел е објавен и контрадокументарец со наслов „НАЗА: Вистинската приказна“, чија цел е да ги оспори тврдењата изнесени во оригиналниот филм. Авторите на документарецот, како и бројни филмски фестивали и организации, добија јавна поддршка од претставници на меѓународната филмска индустрија, кои повикаа да се заштити правото на авторите да обработуваат чувствителни теми без страв од одмазда.
