Министерството за правда изрази загриженост поради случајот со Ива Михајлова и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, додека, како што наведува, против неа е во сила судска забрана.
Во реакцијата, Министерството потенцира дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури, без исклучоци.
„Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот. Како соседни држави посветени на европската перспектива, имаме обврска односите да ги градиме врз заемна доверба, почитување и ефикасна правна соработка. Тоа подразбира и доследно почитување на правните обврски и независноста на судските постапки“, се наведува во соопштението.
Од Министерството ја истакнуваат важноста од институционален дијалог и меѓусебна соработка, со цел сите отворени прашања да бидат решавани врз основа на фактите, законите и меѓународните правни механизми.
Воедно, порачуваат дека европските вредности не смеат да останат само декларативна заложба, туку треба да се применуваат во пракса.
„Европските вредности не се само декларација, туку обврска. Правдата мора да важи за сите, без исклучок и без селективност“, порачуваат од Министерството за правда.
