Жителите на селата Студена Бара и Пчиња утринава ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“, откако пожарот беше целосно изгаснат, а отпадот затрупан со земја.
Од Месната заедница Пчиња информираат дека одлуката е донесена по средбата со Кризниот штаб, на која биле договорени натамошните чекори за санација на депонијата и спречување на нови пожари.
Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, изјави дека главната цел е постигната, но дека остануваат да инсистираат на исполнување и на останатите барања.
„Ја прекинавме блокадата во договор со жителите. Пожарот и тлеењето на сметот се изгаснати со помош на приватни компании. Сега очекуваме отпадот да се депонира на правилен начин – ред отпад, ред земја, за да не се повтори состојбата од изминатите шест месеци“, изјави Илиевски.
Во меѓувреме, ЈП „Чистота и зеленило“ започнува со нормализирање на собирањето и транспортот на отпадот. Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, посочи дека екипите се веќе мобилизирани и ќе работат со засилен интензитет, доколку е потребно и во текот на ноќта.
„Имаме големи количества отпад, особено во поширокото градско подрачје. Ќе работиме по приоритетни зони и очекуваме состојбата наскоро да се нормализира“, изјави Томиќ, апелирајќи до граѓаните за трпение и разбирање.
Блокадата на депонијата „Краста“ траеше шест дена. Жителите протестираа поради долгогодишниот проблем со загадувањето и честите пожари на депонијата, кои во последните шест месеци сериозно го нарушија квалитетот на воздухот. Во меѓувреме, отпадот привремено се транспортираше на депонијата „Дрисла“, а со интервенција на тешка механизација и приватни компании пожарот беше локализиран и депонијата затрупана со земја.
