Речиси целосно преброените гласови од четирите референдуми одржани во Словенија покажуваат пресврт на законодавниот референдум, каде што мнозинството гласачи се изјасниле против измените на Законот за парламентарни истраги. На останатите три консултативни референдуми, пак, преовладува поддршката за предложените решенија.
По обработени 97,93 проценти од гласачките ливчиња, против измените на Законот за парламентарни истраги гласале 50,72 проценти од избирачите, додека 49,28 проценти ја поддржале предложената измена. Со 446.537 гласа „против“, надминат е и законскиот праг потребен за отфрлање на измените, што значи дека, доколку резултатите бидат потврдени, тие нема да стапат во сила.
Предложените измени предвидуваа ограничување на можностите за уставно-судска заштита на лицата опфатени со парламентарни истраги. Владата тврдеше дека тоа ќе придонесе за поефикасни истраги, додека критичарите предупредуваа дека ќе се намали заштитата на човековите права.
На референдумот за укинување на задолжителниот придонес за Радиотелевизија Словенија, резултатот останува неизвесен. Според досегашните податоци, 50,57 проценти се изјасниле за укинување на придонесот, а 49,43 проценти против. И покрај тесната разлика, овој референдум е консултативен, па евентуалните измени би барале дополнителна законска процедура.
Најголема поддршка доби предлогот паричната социјална помош да биде условена со општествено корисна работа. За ова решение се изјасниле 61,12 проценти од гласачите, додека 38,88 проценти биле против.
Мнозинството гласачи го поддржале и предлогот правото на глас на локалните избори да биде ограничено само на словенечките државјани и државјаните на Европската Унија. За ова решение гласале 55,85 проценти, а против 44,15 проценти. Прашањето ги засега и македонските државјани со постојан престој во Словенија, кои со законските измени од септември го изгубија правото на глас на локалните избори.
Официјалните резултати ќе бидат познати по обработката на сите гласачки ливчиња, вклучувајќи ги и оние пристигнати по пошта и од странство.
