Надојдена вода во планинскиот регион на Непал предизвика големи штети, при што беа однесени куќи и мостови, оштетено е градилиште на хидроелектрана, а жителите од повеќе населени места биле принудени да се евакуираат.
Според локалните власти, цитирани од „Катманду пост“, меѓу 35 и 40 куќи биле уништени или однесени во населбите Џагат Багар, Салери и Гатихола, кои се дел од руралната општина Чумнубри. Поплавите ја погодиле и соседната општина Дарче.
Жителите и туристите започнале да се повлекуваат на побезбедни места откако во раните утрински часови, околу 4 часот, биле слушнати силни звуци од реките во планинскиот предел. Водостојот нагло се зголемувал, а преку разгласи биле упатувани предупредувања за евакуација.
Во Џагат, според првичните информации, биле однесени меѓу пет и седум куќи. Во Мачакола водата навлегла во повеќе домови и привремени објекти, додека во Салери, во општината Дарче, уште околу 20 до 22 куќи биле под сериозен ризик.
Надлежните служби продолжуваат со проценка на штетите и со активности за помош на погоденото население.
