Во земјава пристигнаа првите 30.000 вакцини против сезонски грип, а имунизацијата се очекува да започне без одложување, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Во изјава за телевизија Сител, Клековски посочи дека вакцините се од европски и јужнокорејски производител и дека по пристигнувањето ќе бидат направени неопходните проверки и тестирања.
Според најавите, системот „Мој термин“ за пријавување за вакцинација треба да биде активиран во вторник, а граѓаните би требало да започнат да добиваат покани за имунизација до крајот на неделата или на почетокот од следната.
„Првите количини пристигнаа вчера во земјата и ќе бидат подложени на неопходните проверки и тестирања. Очекуваме во вторник да биде активен системот ‘Мој термин’ за пријавување за вакцинација“, изјави Клековски.
Дополнително, до средината на ноември се очекува пристигнување на уште 26.000 дози, а потоа и преостанатите количини со што треба да се достигне планираната бројка од околу 80.000 вакцини.
Министерот објасни дека со првите 30.000 дози ќе може да се имунизираат околу 1.500 граѓани во работните денови до 15 ноември, а со дополнителните количини бројот на вакцинирани постепено ќе се зголемува.
Претходно здравствените власти информираа дека набавката била забавена поради подоцнежното објавување на соевите на вирусот од страна на Светската здравствена организација, што влијаело врз производството и испораката на вакцините.
Бесплатната вакцинација е наменета за ризичните категории, односно лица над 65 години, граѓани со хронични заболувања, трудници, здравствени работници и деца до петгодишна возраст.
Минатата сезона во Македонија биле регистрирани над 17.000 случаи на грип, а четири лица починале поради компликации предизвикани од вирусот.
Клековски информираше дека во моментов нема регистрирани случаи на грип, туку се активни други респираторни вируси. Сепак, доколку се појави ризик пред почетокот на вакцинацијата, подготвен е дополнителен план за превенција и третман кај најранливите групи.
