Од утре, 12 октомври, системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ ќе започне со работа и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид, односно во градовите Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по завршените технички проверки и финалните тестирања, камерите од системот ќе бидат активирани на сообраќајниците во овие општини.
Со пуштањето во функција на системот се очекува поголем надзор врз сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците, подобрување на сообраќајната дисциплина и зголемување на безбедноста на патиштата.
„По извршените технички проверки и финалните тестирања, камерите на системот ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на СВР Охрид“, информираат од МВР.
Од Министерството упатуваат апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за намалување на ризиците и поголема сигурност во сообраќајот.
Системот „Безбеден град“ на национално ниво функционира од 1 февруари годинава. По почетниот период на адаптација, во кој граѓаните беа информирани за начинот на работа и се вршеа тестирања и подобрувања, системот постепено се проширува и во други региони.
Според податоците што ги соопшти министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени лица во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период лани, односно има 34 жртви помалку.
