Ново истражување предупредува дека Хималаите се приближуваат до критична точка поради забрзаното топење на ледниците, сè понестабилните леднички езера и недоволниот систем за следење на состојбата во регионот.
Предупредувањето доаѓа по катастрофалното уривање на ледник на границата меѓу Непал и Тибет кон крајот на август, кое предизвика одрони и разорни поплави. Според официјалните информации, најмалку 1.300 лица загинаа, а повеќе од 5.300 сè уште се водат како исчезнати.
Експертите посочуваат дека со повлекувањето на ледниците се формираат нестабилни леднички езера, задржани со наслаги од карпи и мраз, кои претставуваат сериозна закана за милионите жители што живеат во долините под нив.
Студијата е изработена од советодавната компанија „Системик“, Меѓународниот центар за интегриран планински развој (ИЦИМОД) и индискиот Национален институт за хималајска животна средина „Г. Б. Пант“.
Истражувањето покажува дека од околу 40.000 ледници во регионот на Хиндукуш и Хималаите, моментално се следат само 21, што, според научниците, е сериозен недостаток за навремено откривање на потенцијални опасности.
Хималаите претставуваат еден од најважните природни извори на вода во Азија, обезбедувајќи вода за реките од кои зависат стотици милиони луѓе. Според ИЦИМОД, околу средината на векот се очекува да биде достигнат врвот на достапноста на вода од ледниците, по што количеството ќе почне постепено да се намалува поради нивното забрзано топење.
Научниците предупредуваат дека последиците нема да бидат само еколошки, туку и економски. Се проценува дека водните ресурси од Хималаите поддржуваат околу 20 проценти од индискиот бруто-домашен производ, преку земјоделството, хидроенергетиката и други стопански дејности.
Во студијата се наведува и дека, иако хималајскиот регион зафаќа околу 18 проценти од територијата на Индија, на него отпаѓаат приближно 35 проценти од сите природни катастрофи во земјата. Дополнително, идентификувани се речиси 200 леднички езера со висок ризик, од кои 56 се оценети како исклучително опасни.
