Сметот од Куманово од синоќа привремено почна да се транспортира и депонира на депонијата „Дрисла“ во Скопје, како привремено решение за надминување на проблемите со депонирањето на отпадот, информираа од ЈП „Чистота и зеленило“ и градоначалникот Максим Димитриевски.
Димитриевски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и раководството на „Дрисла“ за поддршката и помошта во решавањето на состојбата.
Тој посочи дека паралелно продолжуваат активностите за санација на депонијата „Краста“, со цел што поскоро да се нормализира состојбата.
„Продолжуваме интензивно со санацијата на депонијата „Краста“ и со надминување на проблемот. Во мое лично име и во име на менаџерскиот тим на ЈП „Чистота и зеленило“ им се извинувам на сите сограѓани кои поради блокадата на депонијата се соочуваат со сериозен проблем. Верувам дека состојбата ќе биде надмината во најкраток можен рок“, порача Димитриевски.
