Најмалку 12 лица, меѓу кои и три деца, загинаа во руски напад со наведувани бомби врз украинскиот град Запорожје, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во нападот се повредени уште 14 лица, а двајца од нив се во критична состојба.
Според Зеленски, руските сили во раните утрински часови фрлиле пет планирачки бомби врз станбени згради, предизвикувајќи големи разурнувања и човечки жртви.
„Засега, за жал, се знае за 12 загинати, меѓу кои три деца. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на жртвите“, напиша Зеленски на Фејсбук.
Тој информира дека спасувачките екипи сè уште трагаат по луѓе под урнатините, а се проверуваат информации дека уште 12 лица можеби се наоѓале во погодените објекти.
Украинскиот претседател додаде дека во текот на ноќта биле нападнати 13 региони низ земјата, при што биле оштетени станбени објекти, инфраструктура и железнички линии.
Во својата реакција, Зеленски оцени дека Русија секое намалување на меѓународниот притисок го сфаќа како можност за продолжување на воените напади, нагласувајќи дека Москва мора да ги почувствува последиците од своите постапки.
