Панама се соочува со сериозни последици по силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени, кој предизвика оштетувања на објекти и патната инфраструктура во јужниот дел на земјата.
Претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, изјави дека состојбата во најпогодените подрачја е тешка, посочувајќи дека дел од патиштата се целосно уништени. Засега нема официјални информации за бројот на евентуални жртви.
Мулино претходно ги повика граѓаните да останат смирени и предупреди дека последиците од земјотресот не треба да се користат за ширење паника или предизвикување немири.
Земјотресот оштети повеќе објекти, меѓу кои и катедралата „Свети Јован Крстител“ во Пенономе. Панамскиот институт за геонауки соопшти дека по главниот потрес биле регистрирани повеќе од 100 последователни потреси со различен интензитет.
Како превентивна мерка, жителите во повеќе области ги напуштиле зградите, продавниците и училиштата. Владата ја откажа попладневната настава низ целата земја, а работата на меѓународниот аеродром „Токумен“ беше привремено прекината заради дополнителни безбедносни проверки.
По земјотресот беше издадено и предупредување за можно цунами долж пацифичкиот брег на повеќе држави, меѓу кои Панама, Колумбија, Костарика, Еквадор, Перу, Никарагва, Гватемала, Ел Салвадор и Мексико. Подоцна предупредувањето беше укинато.
