Американската војска разработува нови сценарија за можно обновување на големите борбени операции против Иран, иако американскиот претседател Доналд Трамп засега не покажува подготвеност за поширока воена ескалација.
Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави го засилуваат военото присуство на Блискиот Исток. Според „Њујорк тајмс“, наскоро во регионот ќе бидат распоредени три американски носачи на авиони, што би било првпат од 2003 година толкава поморска сила истовремено да биде стационирана во овој дел од светот.
И покрај ваквите подготовки, Трамп во последните месеци повеќепати ги отфрлаше предлозите за пошироки напади врз Иран и врз јеменските Хути. Во четвртокот тој изјави дека САД нема да преземат напад врз Иран пред среднорочните избори во ноември и додаде дека Вашингтон и Техеран водат „продуктивни разговори“.
Според информациите, високи американски претставници за национална безбедност, предводени од потпретседателот Џ.Д. Венс, минатиот петок во Кемп Дејвид разгледувале повеќе можни воени опции.
Еден од плановите предвидува кратка, но интензивна тридневна операција насочена кон иранските ракетни системи и беспилотни летала. Меѓу потенцијалните цели се споменуваат и енергетски објекти, како и командни центри на Иранската револуционерна гарда.
Американските безбедносни проценки укажуваат дека Иран во изминатиот период ги унапредил своите воени тактики и капацитети, поради што евентуален конфликт би претставувал значително поголем предизвик отколку во минатото.
