Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје од денеска повторно е ставен во функција и пациентите повторно можат да ги реализираат дијагностичките прегледи, информира Министерството за здравство.
Од Институтот веќе започнале со контактирање на пациентите чии термини беа привремено одложени поради техничкиот проблем, при што им се определуваат нови датуми за преглед. Со цел побрзо да се надополни заостанатиот број на пациенти, организирана е работа во две смени, а дополнителни прегледи ќе се вршат и во текот на претстојниот викенд.
Од Министерството посочуваат дека динамиката на прегледите ќе зависи од расположливите капацитети и медицинските приоритети утврдени од здравствените установи.
Во меѓувреме, компјутерскиот томограф во хируршкиот комплекс, кој е наменет главно за итни случаи, сè уште е во процес на сервисирање. Надлежните очекуваат уредот наскоро повторно да биде достапен, но засега не е наведен точен рок за завршување на поправката.
Додека трае сервисот, итните пациенти се упатуваат и згрижуваат во Градската општа болница „8 Септември“ и во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Министерството информира дека преку координација меѓу здравствените установи се обезбедува непречено функционирање на неопходните дијагностички услуги, а воедно апелираше да не се споделуваат непроверени информации кои би можеле да создадат недоверба кај граѓаните.
