Во Загреб денеска започнуваат разговорите меѓу мешовитите комисии на Црна Гора и Хрватска, со што официјално се отвора процесот за решавање на повеќе нерешени прашања меѓу двете земји.
Главна тема на првиот состанок ќе бидат статусот на школскиот брод „Јадран“, како и прашањата поврзани со сукцесијата на воениот имот од поранешната државна заедница.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека Загреб, покрај бродот „Јадран“, бара и друг воен имот, чија вредност, според неговите тврдења, надминува 2,7 милијарди долари.
Тој ги отфрли оценките дека овие прашања се користат како средство за притисок врз Црна Гора на нејзиниот европски пат.
„Како ќе гледаме на иднината на ЕУ ако Црна Гора, која е кандидатка, го игнорира првиот сосед и всушност не сака да ги реши овие прашања“, изјави Грлиќ Радман.
Меѓу двете земји веќе подолг период постојат повеќе нерешени теми. Освен прашањето за бродот „Јадран“ и воениот имот, се разговара и за морската граница, отштетата за поранешните затвореници од логорот „Морињ“, потрагата по исчезнатите лица од војните во 1990-тите, процесирањето на воените злосторства и имотноправни спорови.
За прашањето со разграничувањето на море е предвиден посебен формат на преговори, додека состанокот во Загреб е насочен кон отворање на конкретните разговори за воениот имот и сукцесијата.
Бродот „Јадран“ со години е едно од најчувствителните прашања во односите меѓу Подгорица и Загреб. Хрватска смета дека бродот треба да ѝ биде вратен, додека Црна Гора го смета за дел од својата поморска традиција и воено наследство.
