Дел од жителите на Скопје денеска ќе се соочат со прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода поради планирани технички интервенции и дефекти на водоводната мрежа.
Без струја од 9 до 11 часот ќе бидат корисниците на улицата „Божин Николов“ во Горно Лисиче, во општина Аеродром. Прекин на електричната енергија е најавен и за улицата „Караџица“ во населбата Пржино, општина Кисела Вода, каде што снабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 до 15:30 часот.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, прекините се должат на планирани технички интервенции во дистрибутивната мрежа, кои ќе ги изведуваат екипи на ЕВН Македонија.
Во меѓувреме, прекин во водоснабдувањето ќе има и на улицата „Ванчо Мицков“ и на дел од улицата „Демир Трајко“ во општина Карпош.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека причините се поврзување на нова водоводна мрежа и уличен дефект на улицата „Ванчо Мицков“ бр. 13.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:30 часот и ќе продолжи по завршувањето на работните активности.
