Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги разјасни своите изјави за можноста Иран да уништи американски градови, тврдејќи дека неговите зборови биле погрешно протолкувани. Тој појасни дека сакал да укаже на тоа дека повисоките цени на горивата се мала жртва во споредба со спречувањето на Иран да се здобие со нуклеарно оружје.
Контроверзните коментари Трамп ги даде во понеделникот, за време на политички митинг во Небраска, каде што зборуваше за економските последици од војната со Иран и трошоците со кои се соочуваат американските граѓани.
„Запомнете, во врска со војната, ова е само вештачко зголемување, цените се малку повисоки, но тоа е мала цена што треба да се плати“, изјави Трамп.
Потоа ги спомена Лос Анџелес и Сан Диего, наведувајќи дека евентуалното уништување на градови би било мала цена за зачувување на безбедноста на САД и светот. Токму овие зборови предизвикаа остри реакции кај повеќе политичари во Калифорнија и во други делови од земјата.
По критиките, Трамп се огласи на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, каде што објасни дека зборувал за привременото поскапување на бензинот и за потребата да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
„Зборував за тоа дека привременото зголемување на цената на бензинот е мала цена што вреди да се плати за да не се здобие Иран со нуклеарно оружје“, напиша американскиот претседател.
Тој потоа повторно ги спомена двата калифорниски града, прашувајќи ги своите критичари дали можат да замислат какви би биле последиците доколку тие бидат бомбардирани. Притоа нагласи дека ги сака и Лос Анџелес и Сан Диего.
Трамп и претходно ги отфрлаше загриженостите поврзани со растот на трошоците за живот во САД поради конфликтот со Иран, истакнувајќи дека економските последици се привремени во споредба со безбедносните цели на војната.
