Администрацијата на САД предложи драстично зголемување на надоместокот што странските студенти би требало да го платат за учество во програмата за практична работа (OPT), со што цената би пораснала од сегашните околу 500 долари на најмалку 70.000 долари.
Предлогот, објавен во известување на Министерството за внатрешна безбедност, предвидува студентите со виза F-1 да плаќаат 70.000 долари за првичната практична обука, додека за секоја дополнителна обука би се наплатувале уште 30.000 долари.
Од Министерството наведуваат дека целта на новите правила е да се спречат злоупотреби, да се зајакне интегритетот на имиграцискиот систем и да се обезбеди поголема заштита на американските работници.
Програмата OPT им овозможува на странските студенти да стекнат практично работно искуство поврзано со нивната област на студирање, за време на школувањето и по дипломирањето. Дополнителни можности имаат студентите од областите на науката, технологијата, инженерството и математиката.
Во моментов, учеството во програмата чини околу 500 долари, што значи дека предложените измени би претставувале огромно финансиско оптоварување за странските студенти.
Американските медиуми оценуваат дека, доколку биде усвоен, предлогот најверојатно ќе биде оспорен пред судовите, како и други неодамнешни имиграциски мерки предложени од Министерството за внатрешна безбедност.
