Одбојкарките на Работнички Скопје го освоија првиот трофеј во Суперкупот на Македонија „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, откако во финалето убедливо славеа против Вардар ЕМ со максимални 3-0 во сетови.
Актуелните шампионки уште од самиот почеток на натпреварот го наметнаа својот ритам и без поголеми проблеми го освоија првиот сет со 25-16.
Вардар ЕМ во продолжението покажа далеку поголема борбеност и успеа да му парира на фаворитот, но Работнички беше посигурен во завршницата и со 25-23 стигна до предност од 2-0 во сетови.
Третиот сет донесе најголема неизвесност, со рамноправна борба и долги разигрувања за секој поен. Сепак, одбојкарките на Работнички беа поконцентрирани во клучните моменти и го решија сетот со 25-21 за конечна победа и освојување на трофејот.
За најкорисна одбојкарка на финалето беше избрана Тамара Атанасова, која со одличната игра имаше значаен придонес во триумфот на шампионскиот тим.
